Од 18 до 20 ноември 2026 година, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, ќе се одржи второто издание на Меѓународната конференција за аутизам „Низ призмата“, во организација на Фондацијата д-р Верица Механџиска. Конференцијата има долгорочна визија да прерасне во редовна и значајна регионална платформа за размена на најновите научни сознанија, клинички искуства, современи практики и информации во областа на аутизмот, поврзувајќи ги професионалците, истражувачите, семејствата и лицата со аутизам.
Во текот на трите конференциски дена, програмата ќе се одвива во четири сали – ПЕРСПЕКТИВИ, КАЛЕИДОСКОП, РЕФЛЕКСИЈА и ФОКУС, со повеќе од 50 презентации, панел-дискусии, работилници и интерактивни сесии, со учество на еминентни меѓународни и регионални експерти. Темите ќе опфатат широк спектар на актуелни прашања: од рана идентификација и дијагностика, генетика, биомаркери и примена на вештачка интелигенција, до персонализирани интервенции, комуникација, сензорни предизвици, образование, независно живеење, вработување, невроразличност и социјална инклузија.
Со својата мултидисциплинарност, бројот и квалитетот на говорниците и богатата програма, конференцијата е замислена како една од најзначајните и најголемите конференции посветени на аутизмот на Балканот, создавајќи простор за поврзување на науката со практиката и професионалното знаење со реалните искуства на лицата со аутизам и нивните семејства.
За да ја погледнете агендата на оваа конференција, кликнете ТУКА.
Оваа конференција е целосно бесплатна за сите присутни, но местата се ограничени. Обезбедете го вашиот бесплатен билет со кликање ТУКА.
Скопје во ноември ќе биде место каде што знаењето, искуството и заедничката визија ќе се сретнат „Низ призмата“ на науката, професионалното искуство, различните перспективи и, пред сè, уникатните искуства на лицата со аутизам и нивните семејства – со заедничка цел да создадеме подобро и поинклузивно утре.