Назад кон медиа

Раната интервенција кај детето како инвестиција во неговата иднина 

Раната интервенција претставува навремен и стручен пристап за поддршка на децата што покажуваат отстапувања или ризик во развојот, како и поддршка за нивните семејства. Таа се однесува на периодот од раѓање, а најчесто до периодот кога детето ќе почне со училишното образование, период кога мозокот на детето е најподготвен за учење и за промени.

Зошто е важна раната интервенција?

Првите години од животот се клучни за целокупниот развој на детето – говорен, моторен, когнитивен, социјален и емоционален. Доколку тешкотиите се препознаат навремено и се започне со соодветна стручна поддршка, тие можат значително да се намалат или целосно да се надминат. На раната интервенција не е потребно да се гледа како на универзална алатка, туку како на процес којшто е индивидуално приспособен според потребите на детето што поминува низ процес на рана интервенција и на неговото семејство.

Во практика, целите што се постигнуваат преку раната интервенција се следниве:

Подобар развоен напредок кај детето;

Намален ризик од подоцнежни тешкотии во предучилишните установи и во училиштето;

Зајакната самодоверба и самостојност на детето;

Насоки на родителите како оптимално да се постават кон состојбата;

Полесна социјална интеграција.

Темелите на раната интервенција се:

Рана процена

Стручна процена на развојот на детето од страна на стручни лица, како што се педијатар, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог, психијатар и други стручни лица според потребите на детето, а која се однесува на говорот, моториката, вниманието, социјалните вештини и однесувањето.

Индивидуален план за поддршка

Стручните лица креираат индивидуален план со јасни цели и активности што во иднина треба да ги постигне детето, во согласност со неговата возраст и со неговиот потенцијал.

Терапевтска работа

Вклучува логопедски, дефектолошки, психомоторни или сензорни активности што најчесто се реализираат преку игра и структурирани вежби.

Вклучување на семејството

Родителите се активни учесници во процесот, кои добиваат насоки и стратегии за работа со детето од страна на стручните лица и кои можат да ги применуваат во секојдневието.

Следење и приспособување

Напредокот на детето редовно го следат стручните лица, а индивидуалниот план за работа со детето се приспособува според неговите потреби и степенот на успешност на совладувањето на предизвиците.

Раната процена – првиот и најважен чекор во раната интервенција

Раната процена е темелот на секоја успешна рана интервенција. Таа претставува стручен и систематски процес со кој се добива јасна слика за развојот на детето, неговите силни страни, како и областите каде што е потребна дополнителна поддршка. Најважно е да се нагласи дека раната процена не служи за поставување дијагноза или „општествена етикета“, туку за подобро разбирање и навремено насочување на детето и семејството, со цел максимално да се искористи детскиот потенцијал.

Што опфаќа раната процена?

Како што веќе напоменавме, во системот на раната интервенција се вклучува стручен тим што креира индивидуален план за работа со детето, согласно со неговите можности. Истиот тим на самиот почеток ја спроведува една од клучните алки во процесот, а тоа е раната процена. Мултидисциплинарниот тим најчесто е составен од логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, психолог, физиотерапевт и други стручни кадри.

Раната процена опфаќа податоци за тоа каква е моменталната состојба кај детето, во поглед на:

Говорно-јазичен развој

Разбирање и користење говор, изговор, вокабулар, комуникација и интеракција.

Моторен развој

Груба и фина моторика, координација, рамнотежа, држење на телото.

Когнитивен развој

Внимание, меморија, решавање проблеми, игра и учење.

Социјален и емоционален развој

Контакт со други, изразување емоции, реакција на средина, саморегулација.

Сензорна преработка и однесување

Реакции на звуци, допир, движење, рутини и промени.

Како изгледа процесот?

Доколку сметате дека вашето дете има потреба од рана процена, пред сè, потребно е да се обратите кај вашиот матичен педијатар, кој ќе ве упати на преглед пред стручен тим, кој најчесто функционира во рамките на јавните здравствени установи, како што се, на пример, ЈЗУ Завод за ментално здравје на деца и младинци ‒ Скопје и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје. Исто така, во рамките на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести постои Оддел за неврологија, епилепсија и развојно следење, каде што се врши невролошка и развојна процена на децата, каде што може да бидете упатени, доколку педијатарот даде таква процена. Рана процена може да се направи и во рамките на некои од приватните болници во државата, но и кај лиценцираните даватели на социјални услуги што имаат вработени стручни кадри што поминале соодветна обука. Обука за рана процена и рана интервенција е предвидена со пилот-проект за воспоставување семејно-ориентиран систем за рана интервенција. Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука во 2025 година потпишаа меморандум за соработка во пилотирањето на семејно-ориентираниот систем за рана интервенција. Главната цел е пилотирањето на овој систем за рана интервенција да се спроведе од страна на стручни лица што претходно ќе поминат соодветна обука во здравствените центри и центрите за рехабилитација, во градинките, ресурсните центри што нудат поддршка на училиштата и лиценцираните даватели на социјални услуги. Се очекува креирање на универзална скрининг-листа што ќе се применува при раната процена кај сите деца до шестгодишна возраст. По завршувањето на пилот-фазата, се очекува воспоставување на овој систем низ цела држава.

Раната процена најчесто се одвива преку:

разговор со родителите и собирање развојна анамнеза,

набљудување на детето во игра и структурирани активности од страна на стручни лица,

користење стандардизирани и неформални алатки за процена,

анализа на секојдневното функционирање на детето во соработка со родителите.

Процесот е приспособен според возраста и индивидуалните карактеристики на детето и се спроведува во безбедна и поддржувачка атмосфера.

Зошто е толку важна раната процена?

овозможува рано препознавање на развојни отстапувања или ризици,

помага да се започне со поддршка во најкритичниот период од развојот,

спречува продлабочување на тешкотиите,

овозможува изработка на прецизен и ефективен индивидуален план,

им дава јасни насоки и олеснување на родителите.

Улогата на родителите е силна алка во процесот

Родителите се клучен дел од процесот на раната процена. Нивните забелешки, искуства и прашања се еднакво важни, како и стручната процена. Отворената комуникација и партнерскиот однос меѓу стручниот тим и семејството се основа за успешна интервенција.

Рана процена – можност, не дијагноза

Навремената процена значи да му се даде шанса на детето да добие соодветна поддршка во вистинско време. Таа е можност за насочување, охрабрување и градење цврсти основи за натамошен развој. Доколку постои сомневање, дилема или загриженост – најдобриот чекор е да се започне со рана процена. Колку порано, толку подобро за детето и за целото семејство.

Раната интервенција како инвестиција во иднината на детето

Навремената поддршка не значи „етикетирање“ на детето, туку вложување во неговиот потенцијал. Колку порано се започне, толку се поголеми шансите детето да го достигне својот максимум и да се развива во сигурна и поддржувачка средина. Доколку имате дилеми или забележувате дека вашето дете не напредува како што очекувате, консултацијата со стручно лице е првиот и најважен чекор. Раната интервенција започнува со препознавање – а секој навремен чекор прави голема разлика.

Подготвила:

Ана-Марија Циглењак Симоновска