Назад кон медиа

Практичен водич за остварување на правото на посебен додаток

Посебниот додаток е паричен надоместок, кој согласно со воспоставениот систем на детска и социјална заштита, децата со попреченост, вклучувајќи ги и децата со аутизам, односно еден од нивните родители/старатели можат да го остваруваат сѐ додека детето со попреченост не наполни 26 години.

Кои се основните услови за остварување на правото на посебен додаток што треба да бидат исполнети?

* Родителите/старателите на детето се со постојано место на живеење во Република Северна Македонија;

* Детето да е државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република Северна Македонија до навршени 26 години живот;

* Детето да има посетено лекар специјалист и да има добиено шифра за дијагнозата по МКБ10;

* Детето да е категоризирано како лице со попреченост, односно да поседува функционална процена според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).

Ова право не може да го оствари родителот/старателот доколку детето е сместено во установа за вонсемејна социјална заштита или друга установа со решение на Центарот за социјална работа.

Која е постапката за остварување на правото на посебен додаток?

Доколку како родител/старател се сомневате дека постои отстапка од очекуваниот развој кај вашето дете, следете ги следниве чекори:

Прв чекор: Обратете се, пред сѐ, кај вашиот матичен лекар, кој ќе ве упати на натамошни медицински испитувања. Доколку лекарот специјалист увиди дека навистина станува збор за некое развојно отстапување, ќе добиете медицински извештај каде што ќе биде поставена соодветната дијагноза по МКБ 10. Внимателно чувајте ја секоја медицинска документација со која располагате, бидејќи ќе биде потребно да ја приложите во натамошната постапка за остварување на правото на посебен додаток.

Втор чекор: По добивање на дијагнозата, задолжително треба да направите функционална процена на детето според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Функционалната процена ја реализира стручен тим, најчесто составен од психолог, детски психијатар, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед и други медицински профили по потреба. Оваа функционална процена е директно поврзана со вашата можност за остварување посебен додаток, како и сите други права и услуги од областа на социјалната, детската и здравствената заштита и образованието. Кликнете тука за да ги видите сите локации на кои се прави функционална процена по МКФ заедно со нивните контакт-податоци.

Внимавајте во делот од извештајот за „Препорачани права и услуги“ да бидат наведени услугите за кои сметате дека ги исполнувате условите. Разговарајте со тимот за функционална процена и доколку нешто е испуштено за извештајот, навреме да биде коригирано. За да остварите право за посебен додаток, тоа мора да стои наведено во овој дел од извештајот.

Трет чекор: Поднесете барање и доставете ја потребната документација за остварување на правото на посебен додаток во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи (поднесува родител или старател). Барањето за остварување на правото посебен додаток го поднесува еден од родителите/ старателите на детето. Барањето со потребната документација се поднесува до Центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште или престојувалиште. Барањето ќе го добиете од страна на стручниот работник во Центарот за социјална работа.

Документи што се потребни да се приложат во прилог на барањето за остварување на правото на посебен додаток:

* Извод од матична книга на родените за детето со попреченост (изводот може да биде со кој било датум на издавање, не се бара извод не постар од 6 месеци).

* Извештај за функционална процена од МКФ. Во овој извештај во делот „Препорачани права и услуги“ мора да стои наведено дека се препорачува да остварите право за посебен додаток.

* Извод од матичната книга на венчаните на родителите, доколку родителите се во брак; односно решение за старателство, извод од матична книга на умрени, доколку едниот од родителите е починат, односно пресуда за развод на бракот, доколку станува збор за дете од разведен брак.

* Важечка лична карта на подносителот на барањето на увид пред стручниот работник, со цел да се утврдат идентитетот и живеалиштето на барателот.

* Решение за категоризација и потврда дека детето не е институционално згрижено на товар на државата – овие документи ги издава стручна служба во рамките на Центарот за социјална работа.

* Трансакциска сметка на подносителот на барањето.

* Изјава за користење на личните податоци што ќе ја добиете од стручниот работник во Центарот за социјални работи.

Износот на посебниот додаток утврдени со Законот за социјална заштита се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Износот на висината на посебниот додаток е поголем кога станува збор за самохран родител.

Во кои случаи родител се смета за самохран родител на дете за кое се остварува право на посебен додаток?

* Родител што издржува дете на кое другиот родител е починат;

* Родител што издржува дете ,кое по смртта на едниот родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител е во работен однос:

* Родител што издржува дете ,кое по смртта на едниот родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител не е во работен однос:

* Родител што издржува дете од разведен брак:

* Родител што издржува дете на кое едниот родител е непознат и

* Родител што издржува дете на кое едниот родител се води за исчезнат.

Правото за посебен додаток се остварува од денот на поднесувањето на барањето, иако е очекувано решението за остварување на правото да го добиете подоцна.

Подготвила:

Ана-Марија Циглењак Симоновска