Кога на детето ќе му биде поставена дијагноза од аутистичниот спектар, многу родители тивко во себе си го поставуваат прашањето: „Дали можeби јас направив нешто погрешно?“ Со овој текст гласно велиме: не, не сте виновни и ниту една ваша постапка како родители не довела до појава на аутизам кај вашето дете.
Мит 1: Аутизмот кај детето е резултат на лошо воспитување
Вистина: Аутизмот е невроразвојна состојба со биолошка и генетска основа. Без разлика на тоа каков е вашиот родителски стил, ниту љубовта што му ја давате на детето ниту начинот на дисциплинирање и воспитување не се предизвикувачи на оваа состојба. Овој мит со децении им нанесувал болка на родителите, но науката одамна го поби. Затоа не дозволувајте околината да ве убеди во спротивното и да ви нанесе дополнителна душевна болка. За жал, многу често може да слушнете дека како родители сте „пропуштиле нешто“ во раниот развој на детето.Но секогаш имајте предвид дека раните знаци на аутизмот можат да бидат суптилни и различни кај секое дете. Нема унифицирани симптоми. Секој облик на спектарот може да биде различен. Дури и кога има задоцнување во моментот кога вие како родители сте препознале дека детето отстапува од развојот, тоа не значи дека сте погрешиле. Препознавањето и барањето поддршка е знак на одговорност.
Мит 2: Аутизмот е болест што треба да се излекува
Вистина: Аутизмот не е болест, туку поинаков начин на функционирање и перципирање на околината. На аутизмот гледајте од аспект на невроразвојна состојба, а не од аспект на болест за која ќе бидете во постојана потрага по лек. Наместо „поправање“ на детето со аутизам, потребни се разбирање, прифаќање и соодветна континуирана поддршка и стручна работа.
Мит 3: Децата со аутизам немаат емоции, не знаат да сакаат и не се поврзуваат со другите луѓе
Вистина: Тие чувствуваат подлабоко и посилно отколку што можете да си замислите. Ги сакаат луѓето околу себе и го сакаат чувството на поврзаност, рутина и припадност. Но она што е поинакво е начинот на кој ги изразуваат тие емоции и потреби. Иако начинот на изразување може да биде поинаков, љубовта, радоста и приврзаноста се секако присутни, само најдете соодветен начин да ги препознаете.
Мит 4: Родителот требало „повеќе да се труди“
Вистина: Родителите на деца од овој спектар најчесто вложуваат повеќе напор, повеќе енергија и повеќе љубов од она што околината може да види. Потребно е
целосно менување на перцепцијата за иднината, целосно менување на дотогашниот начин на функционирање на родителите и како индивидуи и во семејната заедница. Кога ништо не се случува и ништо не доаѓа спонтано, само од себе, туку е потребно повеќе труд и волја да се научи и да се стекне кај детето, наместо осудата од типот родителот требало повеќе да се труди“ понудете ја својата поддршка. Малите чекори водат кон големи победи, а поддршката ја зголемува силата на родителот. Запомнете, вие како родители на дете во аутистичниот спектар не сте виновни, не морате сè сами, само го правите најдоброто што можете со знаењето и ресурсите со кои во моментот располагате.
Мит 5: „Детето ќе го надрасне аутизмот ако само му дадеме време“
Вистина: Аутизмот не е фаза што поминува со растењето. Тој е дел од невроразвојниот профил на личноста. Со време, со соодветна стручна поддршка и соодветни стратегии, како и поддршка од семејството, образовниот систем и околината што го опкружува, детето може да развие нови вештини и да напредува значително — но тоа не значи дека аутизмот „исчезнал“. На раната поддршка не гледајте како на признавање пораз, етикетирање на детето и негово изложување на стигматизација, туку како вложување во потенцијалот на детето и повисокиот степен на неговата функционалност во иднина.
Подготвила:
Ана-Марија Циглењак Симоновска