Правото на користење на социјалната услуга индивидуален третман на лица со попреченост којашто опфаќа работа со специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, психолог и други стручни лица во Центар за дневен престој на лица со попреченост со индивидуална работа е уредено со Законот за социјална заштита и соодветен подзаконски акт.
За да може вашето дете да ја користи оваа социјална услуга, потребно е да се поднесе барање за остварување право од социјална заштита во Центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое вие како подносител на барањето имате живеалиште или престојувалиште. Од Центарот за социјална работа, по завршување на постапката, со решение ќе бидете упатени кај јавен давател во надлежност на самиот Центар за социјални работи или кај лиценциран давател на социјална услуга којшто има склучено управен договор со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Ова значи дека вашето дете ќе ја добива услугата од страна на невладина организација, која добила дозвола за вршење дејност во социјалната заштита од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади и која и станала лиценциран давател на социјална услуга и бидејќи склучила управен договор со министерството, финансиски е поддржана во давањето на индивидуалните третмани.
Министерството најмалку еднаш годишно објавува јавен повик за обезбедување социјални услуги од општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, здружение и приватен давател на социјални услуги од мрежата на овластени даватели на социјални услуги и Јавен конкурс за обезбедување финансиска поддршка за давање на социјалните услуги од страна на лиценцирани даватели на социјални услуги. Средства за давање социјални услуги од страна на здруженија и приватни даватели на социјални услуги коишто веќе имаат добиено дозвола за вршење дејност од социјалната заштита се обезбедуваат согласно со предвидена програма и врз основа на објавениот јавен конкурс. Во управниот договор кој лиценцираниот давател на услугата го склучува со министерството и е основа за добивање финансиска поддршка во реализацијата на услугата јасно се одредуваат видот на социјалните услуги, условите за давање на услугата, времетраењето на договорот, финансирањето и надзорот. Министерството врши контрола над општината, односно друг давател на социјални услуги во реализацијата на одредената работа од областа на социјалната заштита за која доделило средства.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ги известува центрите за социјална работа на територијата на државата кои општини, односно лиценцирани даватели склучиле управен договор со министерството, со кој се овозможува финансиска поддршка на давателот во овозможувањето на услугата. Од таа листа на даватели, подоцна ќе биде утврден давателот на услугата на вашето дете.
Со поднесувањето на потребната документација во Центарот за социјални работи со цел остварување на правото на користење на услугата на индивидуални третмани во Центар за дневен престој на лица со попреченост со индивидуална работа стручните лица во центарот, согласно со потребите на вашето дете, ќе издадат решение за користење на услугата кај еден од лиценцираните даватели што склучиле управен договор, кое, меѓу другото, ќе содржи и податок колку индивидуални третмани ќе добие вашето дете, но најмногу до 12 индивидуални третмани во текот на месецот.
Покрај барањето за користење на социјалната услуга центар за дневен престој со индивидуална работа, во Центарот за социјална работа е потребно да се достават и копија од извод од матична книга на родени на корисникот на услугата, лична карта на подносителот на барањето на увид и наод, оцена и мислење издадено од стручен орган што го проценил видот и степенот на попреченост според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Еден од основните услови за користење на оваа услуга преку Центарот за социјални работи е потребата од услугата за вашето дете да биде утврдена во гореспоменатиот наод. Имено, потребата и обемот на дневната услугa за дете и младинец со попреченост што се користи повремено, неколку часа во текот на денот или за индивидуална работа, стручен работник во Центар за социјална работа ја утврдува врз основа на мерките за дополнителната поддршка од областа на социјалната заштита, определени во наод и мислење за функционална процена.
Со издавањето решение од страна на Центарот за социјални работи, вашето дете ќе добие индивидуален третман без да ви биде наплатено за користењето на услугата бидејќи министерството ќе ги надомести потребните финансиски средства на давателот, без разлика дали е јавен или лиценциран.
Согласно со законските одредби, социјалната услуга се овозможува доколку е развиена и достапна. Ова значи дека доколку нема лиценциран давател на социјална услуга што ја дава услугата на индивидуални третмани којшто согласно со решение за давање дозвола за вршење дејност во социјалната заштита ја покрива територијата на вашето живеалиште, односно доколку капацитетот на лиценцираниот давател за овозможување на услугата е целосно пополнет со корисници, чија бројка на корисници повторно ја утврдува самото решение за давање дозвола за вршење дејност во социјалната заштита, таа нема веднаш да биде овозможена доколку не се исполнат законските услови за развиеност и достапност.
Подготвила:
Ана-Марија Циглењак Симоновска