Речиси секогаш кога ќе го слушнам зборот „инклузија“, си помислувам како мојата околина ја доживува инклузијата ‒ како стратегија и цел што треба да биде постигната, дел од убаво напишани говори и долги документи. Но што е, всушност, инклузијата за нас, за детето со аутистичен спектар? Тоа е секојдневна потреба, начин на живот што прави огромна разлика меѓу тоа дали детето ќе биде разбрано или осудено, прифатено или игнорирано.
Инклузијата не бара финансиски ресурси, големи социјални и општествени програми и планови за работа, сложени образовни системи. Вистината е дека инклузијата е многу едноставна и е олицетворение на емпатијата и емотивната одговорност: со мали промени во однесувањето што секој човек го манифестира до големи промени.
Инклузијата не доаѓа од документ, стратегија за работа, туку од срцето и мислите на секоја личност. Инклузивната заедница не се гради со сожалување и етикетирање, туку со почит кон различноста и потребите што ги носи таа различност. Аутизмот како дијагноза не ја дефинира личноста во спектарот.
Наместо да прашаме „што не е во ред со ова дете?“, инклузијата значи дека ќе се запрашаме „што можам јас да направам за да му биде полесно на детето?“
Основата на инклузивноста, всушност, значи дека општеството ја прифатило својата улога, а таа е да го прошири своето разбирање и прифаќање на лицето со аутизам наместо да ги минимизира неговите можности. Имајте предвид дека дете со аутизам што избегнува контакт со очи не е невоспитано. Дете што реагира силно и исплашено на врева и гласни звуци не е „разгалено“. Дете што повторува зборови што понекогаш немаат контекст или движења што не се очекувани во моментот не е „чудно“. Тоа се деца што го доживуваат светот поинаку. Инклузијата е токму тоа – менување на начинот на кој ние како личности размислуваме за овие ситуации, менување во насока на проширување на нашите гледишта кон аутизмот и негово разбирање.
Токму тука, малите промени можат да имаат големи влијанија врз лицата во аутистичниот спектар. Минута повеќе да му помогнете на ученикот со аутизам да го собере училишниот прибор во ранецот, родител што се обидува да му објасни на своето дете зошто неговиот соученик се однесува поинаку, купувач што му дава предност на родителот со дете со аутизам во редот пред касата во маркетот, група луѓе што одбираат да зборуваат малку потивко во присуство на лице во спектарот, наставник кој одбира поинаков пристап за да го пренесе знаењето на својот ученик со аутизам.
Зборуваме за можност децата со аутизам да растат, да учат, да се дружат во општество што не ги оттурнува затоа што се различни, туку ги прифаќа, можност што не е „подарок“, туку добивка за целото општество, која нѐ потсетува кои се вистинските човекови вредности, како, на пример, трпението и емпатијата. Имајте предвид дека вредноста на едно општество не се мери според тоа колку е гласно, брзо или „нормално“, туку според тоа колку е способно да ги прифати најранливите.
Затоа, следниот пат кога ќе се соочиме со различност, да не ја гледаме како проблем што треба да се реши, туку како можност да пораснеме како личности. Малата промена во нашиот став кон она што е поразлично од нас може да биде големо позитивно влијание во животот на едно дете со аутизам. А понекогаш, токму тоа е сè што е потребно за да се изгради вистински инклузивна заедница.
Подготвила: Ана-Марија Циглењак Симоновска