Во ноември 2025 г. започна кампањата „Херои во сите бои“, реализирана од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и „Зегин“. Во рамките на оваа кампања се зборува за истражувањата, иновациите и за надминувањето на предизвиците поврзани со нарушувањето од спектарот на аутизмот. Оваа активност е продолжување на повеќегодишната посветеност на Фондацијата и на „Зегин“ за подобрувањето на квалитетот на животот на лицата со нарушување од спектарот на аутизмот. Оваа кампања е наменета за родители, истражувачи, специјални едукатори, педагози, лекари, наставници, претставници од НВО, а присуствуваа и студенти од педагошките факултети и од факултетите за специјална едукација и рехабилитација, како и претставници од локалните заедници. Посетеноста на кампањата покажува огромна општествена потреба да се зборува на оваа тема и заеднички да се придонесе кон решенија за надминување на предизвиците во општеството и за поинклузивна, похумана и поправедна заедница за сите.
Кампањата се реализира во сите осум плански региони низ државата, со што инспиративните говорници и теми ги приближивме до местото на живеење на нашите граѓани, а истовремено се создава можност да се зборува за локалниот контекст и за предизвиците.
При реализирањето на настаните беше применет и дополнителен модел на инклузивност, кој им овозможи на родителите непречено да ги следат програмата и предавачите. Имено, во одделна просторија во близина на салата во која се одржуваа настаните беа организирани активности со специјални едукатори. Родителите со себе ги поведоа и своите деца, кои времето го поминуваат во просторија со смирувачки сензорни елементи, имагинативни зони за игра и учење и алатки што им помагаат на децата да истражуваат и да напредуваат.





